Шефовите на изборните штабови на граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ и коалицијата на Алијанса и Алтернатива потпишаа меморандум за соработка. Тие заеднички ги повикаа граѓаните на 31-ви, во недела, да му дадат поддршка на независникот кандидат за градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски.
-Ова е почеток на една плодна политичка соработка помеѓу граѓанското движење „За наше Куманово“ и Алијансата на Албанците и Алтернатива. Ние ја бараме поддршката од сите граѓани на Куманово без разлика на нивниот политички предзнак. Веруваме и убедени сме дека во вториот круг ќе извојуваме уште поголема победа. Се работи за еден политички концепт и субјект кој сака во иднина да делува исклучиво од и за граѓаните. Ние нема да се водиме исклучиво по процент туку по принцип на унапредување на можностите и правата на сите граѓани. Куманово има простор за работа на сите полиња. Повеќе од јасно е дека на градот му недостасуваат многу проекти, во идниот период ќе се обидеме да решиме што повеќе проблеми а при тоа не правејќи никаква разлика по однос на етничка, верска или каква било друга припадност-истакна Димитриевски.
-Во следниот мандат ќе продолжиме да работиме за сите граѓани подеднакво без поделби. Како и досега ќе работиме за секој кумановец без оглед на неговата етничка, партиска, верска или каква било друга различност. Куманово е на сите и на Македонци, Албанци, Срби, Турци, Роми, Бошњаци, Власи и сите други етникуми. Токму затоа нашиот фокус како граѓанска иницијатива се граѓаните-нагласи Даниел Стојчевски, шеф на изборен штаб „За наше Куманово“.
Коалициските партнери повикаа в недела да се даде гласот за Димитриевски за да продолжат да работат на подобрување на квалитетот на животот и унапредување на општината.
