ЗНАМ: Безбеден сообраќај и урбана мобилност

Во изборниот штаб на Движењето ЗНАМ -За наша Македонија денеска прес-конференција одржа кандидатот за советник Игор Липковски, кој истакна дека Општина Куманово во новиот мандат ќе продолжи со силен фокус на подобрување на урбаната мобилност, зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот и создавање инфраструктура што одговара на современите потреби на граѓаните.  

Целосна реконструкција на булеварите и главните сообраќајни артерии во градот, изградба на три нови кружни текови, нови звучни семафори на клучните крстосници за полесно движење на лицата со попреченост, се дел од проектите предвидени во програмата на ЗНАМ во следниот период.

 „Во следниот период предвидуваме: целосна реконструкција на булеварите и главните сообраќајни артерии (ул. „11 Октомври“, „Доне Божинов“, „Гоце Делчев“, „Илинденска“, „Ленинова“, „Народна Револуција“, бул. „Октомвриска Револуција“ и „Трета МУБ“), изградба на три нови кружни текови за побезбеден проток и намалување на метежот, нови звучни семафори на клучни крстосници за полесно движење на лицата со попреченост, модерни автобуски стојалишта и проширување на линиите на бесплатниот јавен превоз, фазно формирање на пешачки зони и велосипедски прстен околу централното градско јадро, уредување на дополнителни паркинг-простори, вклучувајќи подземни катни гаражи и модуларни паркинзи, подобрување на урбаната мобилност со системи за паметен сообраќај, дигитални семафори и мобилни апликации за паркирање. 

Безбедниот сообраќај е одговорност на сите – и на институциите, и на граѓаните. Секој уреден премин, секој кружен тек и секој метр тротоар значи повеќе безбедност и повеќе сигурност за нашите деца, ученици и постари граѓани. Куманово ќе продолжи да вложува во модерна, безбедна и достапна урбана инфраструктура, затоа што секој чекор, секое возење и секое патување во нашето Куманово мора да биде безбедно, кажа Игор Липковски, кандидат за советник на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија