КК Куманово без финале во шампионатот

Кошаркарите на Куманвоо забележаа трет пораз во рамките на полуфиналните мечеви од домашниот шампионат од екипата на МЗТ Скопје Аеродром на мечот кој заврши со резултат 84:64, а се одигра во Спортската сала „Јане Сандански“.

Значително ослабнатиот ростер кој на располагање го имаше тренерот Марјан Србиновски даваше максимум цела сезона, но против далеку финансиски посилниот МЗТ и низата странски играчи не успеа да избори финале годинава. Одличното прво полувреме кое го одиграа сино-белите ги измори, па по кратката пауза немаа сили да го издржат силното темпо кое го диктираше составот на МЗТ Скопје.

Прецизната игра во нападот на неполни две минути пред крајот на првата четвртина им донесе резултат од 17:23 на кумановци, меѓутоа Лалиќ и Клоф тоа не го дозволија, па сепак првите 10 минути од средбаа завршија со само два поени позитива за Куманово. Втората четвртина избраниците на Србиновски имаа и предност од шест поени, а првиот дел од мечот го завршија со резултат 39:43.

На стартот на третата четвртина домашниот состав започна да го презема водството. Темс погоди за израмнување, а потоа Мијатовиќ за водство од 47:45. Уште шест поени во низа постигна поранешниот „кумановец“ кој донесе сериозна предност за МЗТ. Нападот на сино-белите опадна, па постигнаа само пет поени во првите осум минути од четвртината, а домаќинот дојде и до двоцифрена предност од 59:48.

Серијата со прецизен шут за три поени ја прекина младиот Миодраг Тодоровиќ, но желбата за финале на минатогодишниот шампион и квалиетот на екипата го направи своето. Мечот го завршија со убедлива победа со резултат 84:64. Во финале сепак ќе се борат МЗТ и Карпош Соколи кои исто така со три победи во низа го совладаа составот на Работнички.

Во составот на Куманово најдобри беа Пековиќ и Димитар Караџовски со по 13 поени, а со 17 во спротивниот состав триумфираше Дреновац, додека со два помалку зад него се најде Данило Мијатовиќ.

Тешка сезона останува зад БИБЛ финалистот Куманово, дел од кошаркарите веќе го напуштија градот, а со себе носат сепак добри спомени и интересни моменти. Тренерот Србиновски во своите изјави неколку пати потенцираше дека со оглед на кратката ротација која му остана по неколкуте превирања, тој е презадоволен од она што неговите кошаркари го постигнаа оваа сезона.

Дали ќе има нова сезона и кој ќе го задржи дресот на КК Куманово, а кој повеќе нема да се врати останува да видиме кон крајот на летото.

Коментари

коментар(и)