КК Куманово маестрално во Кавадарци

Кошаркарите на Куманово остварија убедлива победа во рамките на 17. Коло од домашниот шампионат, откако на гостински терен со резултат 108:80 го совладаа составот на Фени Индустри од Кавадарци.

Самиот старт на мечот кумановци га започнаа со водство пред домашниот состав од Кавадарци и покажаа одлична ефикасност кога станува збор за нападот. Веќе по првите пет минути избраниците на Александар Петровиќ имаа водство со резултат 11:6, за да истото константо расте и по серијата од 10:0 направат значително водство од 24:15 кое за Фени Индустри стануваше веќе недостижно. Во првото полувреме запишаа 50 поени со што вториот дел од средбата само ја одржуваа својата позитива во скорот.

За квалитетот на играта на кумановци покажува и статистиката дека шестмина кошаркари на тренерот Петровиќ имаат двоцифрен број на поени. Најефикасни беа репрезентативецот  Бобан Стајиќ за кого мечот заврши со 20 поени, 18 запиша Адем Мекиќ, со десет скока и 16 поени дабл-дабл ефект бележи Бранислав Ѓекиќ, 14 запиша капитенот Марјан Јанески и поен помалку Димитар Караџовски.

Кај домаќините со играта се истакна Девон Вокер со 24 поени, седум скока и три асистенции.

Единаесеттата победа на КК Куманово му донесе искачување на четвртата позиција од табелата.

Следниот натпревар го играат претстојниот викенд на домашен терен против составот на Кожув од Гевгелија.

Коментари

коментар(и)