КК Куманово утре ја стартува новата сезона

Кошаркарите на Куманово утре ја започнуваат новата сезона во Првата кошаркарска лига на Македонија, а за прв противник го имаат составот на Вардар од Скопје.

Мечот ќе се одигра СРЦ Кале во Скопје со почеток во 17:00 часот, а во мечот како фаворити влегуваат избраниците на тренерот Александар Петровиќ, кои изминатите два месеци напорно се подготвуваа.

Вардар годинава се враќа меѓу елитата откако минатата сезона го освои првото место во Втората лига.

Вкупно 11 клубови ќе бидат дел од најпрестижното спортско натпреварување во кошарката, а освен Куманово и Вардар, за титулата оваа година ќе се борат и МЗТ Скопје Аеродром, Работнички, Гостивар, АВ Охрид, Блокотехна, Пелистер, Фени Индустри, Кожув и Шкупи.

Претходно за почетокот на кошаркарската сезона заседаваше и Управниот одбор на МКФ, каде меѓу адресираните забелешки беше и тоа дека моментално во целата држава само пет спортски сали имаат услови за одигрување на кошаркарски натпревари.

Поради таа причина Федарацијата донела одлука да ги подели на две категории и да им даде последен рок да ги надминат недостатоците.

Во првата категорија влегуваат сали во кои се одигруваат натпревари од Првата лига мажи, додека втората категорија ги опфаќа спортските објекти каде ќе се играат натпреварите од Прва лига жени, Втора лига мажи и сите младински лиги.

МКФ донесе одлука, до сите клубови да се достават условите кои мора да бидат исполнети веднаш по почнување на лигите, услови кои треба да се исполнат во рок од шест месеци и во рок од 24 месеци. Доколку не се исполнат условите, клубот треба да пријави резервна спортска сала.

Доколку клубот-домаќин не ги исполни овие услови, екипата – гостин има право да не го започне натпреварот. Трошоците за патување ќе бидат на товар на домаќинот кој мора во рок од 24 часа да даде предлог – резервна сала која ги исполнува условите за игра.

Коментари

коментар(и)