Куманово без Србиновски против МЗТ

Кошаркарите на Куманово во утре ќе се натпреваруваат на гостински терен против составот на МЗТ Скопје Аеродром со почеток во 18 часот, но без својот тренер Марјан Србиновски. Одлуката за суспензија Македонската кошаркарска федерација ја додели за Србиновски поради како што велат недолично однесување на дуелот против Фени Индустри одигран викендов во Кавадарци.

Во записникот на МКФ стои дека Србиновски неспортски се однесувал кон судиите, а ги навредувал и по завршување на мечот, но не стои никаде дека токму судиите беа тие кои ја скратија можноста Куманово да има уште еден шут, откако дозволија времето на семафорот да тече и кога не требаше, па победата им избега од раце.

Откако реагираше кај судиите, а тие го игнорираа дојде до вербален контакт помеѓу поранешниот селектор и главниот судија. Поради тоа освен суспензија, Србиновски ќе треба да плати и казна од 24.000 денари.

Ова е само уште еден удар во низата кои федерацијата константно ги врши врз кумановскиот клуб. Првин дозволија раскинување на договорот со Данило Мијатовиќ откако веќе беше започната Супер лигата, за да тој добие можност да се врати во МЗТ, подоцна им ја скратија можноста на кошаркарите да имаат одлучувачки шут на мечот во Кавадарци, а сега за мечот против МЗТ, челниците на федерацијата ги оставаат сино-белите без тренер.

Утрешниот меч ќе биде претежок за кумановци, со оглед на големиот број странски играчки во составот на МЗТ, а ослабнатиот ростер на КК Куманово. Сино-блите веќе имаат три порази во низа и се на претпоследното место од табелата во домашниот шампионат, делејќи исти поени со Кожув и Фени Индустри. Акцентот на своите натпреварувања сепак ќе го стават во БИБЛ лигата каде на 11ти месецов во Бугарија ќе го играат првиот финален натпревар против Берое.

Коментари

коментар(и)