Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и вицепремиерот и министер за внатрешни работи на Република Србија Ивица Дачиќ денеска остварија билатерална средба во просториите на Секторот за внатрешни работи Куманово. Како што изјавија двајцата министри по средбата со надлежните од СВР Куманово, на средбата разговарале за продлабочување на соработката, подобрување на транзитот на граѓаните на граничните премини, справување со миграцијата, заеднички патроли и меѓусебна поддршка.
Тошковски и Дачиќ во однос на илегалната миграција кажаа дека е потребна, организациска, техничка помош од ЕУ.
– Разговаравме за сето она што е поврзано помеѓу двете полиции од аспект на тековната соработка, која е одлична и можеме само да ја продлабочиме понатаму со сите оние оперативни соработки коиги имаме. Разговаравме исто така во насока на подобрување на транзитот на нашите граѓани на граничните премини за тоа што договорено е во рамки на техничките/работните групи коишто се формирани да се одржуваат континуирани состаноци. Наредната недела нашите информатички служби ќе имаат состанок со информатичките служби на Република Србија. Овој проект е доста значаен и за Македонија и за Србија, така што мислам дека мораме да имаме континуирани ангажирања во рамки на негова реализација. Разговаравме за сите оние заеднички соработки што ги имаме како во делот на обука, така во делот и на идни обуки кои би ги имале евентуално. Така што накратко можам да констатирам дека оваа работна средба помина одлично помеѓу двата тима на министерствата за внатрешни работи, изјави Тошковски.
Решавање на проблемот со метежот на граничниот премин Прешево – Табановце е и целта на претходните средби во Белград, изјави министерот Дачиќ, оценувајќи ги како успешни.
