МКС Селгрос Лубин противник на ЖРК Куманово

Женскиот ракометен клуб Куманово сезонава ја стартува со големи амбиции и напорни натпревари.

Благодарение на добриот пласман од минатогодишната сезона, повторно обезбедија пласман на ЕХФ Челинџ Купот, но таму нема да биде лесно. Ги чека 19-кратниот првак на Полска, составот на МКС Селгрос Лубин. Сепак и самото учество е голем успех, со оглед дека се единствениот клуб од Куманово кој учествува на вакво реномирано натпреварување.

Морам да кажам дека за противник добивме многу силна екипа, 19-кратен првак на Полска, екипа која има играно во Лига на шампиони, екипа која го има освоено ЕХФ Челинџ Купот, екипа која од оваа година е многу засилена, имаат вратено свои ракометарки, имаат вратено од ракометарка и од Будучност Титов Град, имаат и од Полска земено, така да сметам дека тие се изразити фаворити во тој натпревар, но сепак ние не треба однапред да се предадеме, ќе играме најдобро што можеме, ќе дадеме се на се, сите знаат дека девојките кога ќе излезат на паркетот даваат се од себе го оставаат срцето за својот клуб и град – изјави Антонио Ивановски, тренер на ЖРК Куманово.

Минатата година како противник во ЕХФ Челинџ Купот, ракометарките го имаа составот на Халветиа Алсобендас од Шпанија. Имаа можност да гостуваат во Мадрид, каде иако забележаа пораз, сепак разменија богато искуство и настапија под уставното име на својата држава. Екипата од Полска ќе биде уште поголем предизвик.

Екипата е 18ти пат првак на Полска, го има освоено ЕХФ купот во 2000-2001 година, десет пати го има освоено Купот на Полска и тоа ќе биде искуство повеќе за сите наши ракометарки кои ќе учествуваат на тој натпревар – изјави Филип Додевски, член на УО на ЖРК Куманово.

Деновиве се очекува да завршат летните одмори на ракометарките, по што ќе започнат напорни тренинзи кои ќе се одржуваат два пати дневно. Ќе одат и на подготовки во Крушево, а веќе на 15ти септември ги очекува почетокот на домашниот шампионат.

Коментари

коментар(и)