Во центарот за дијабет во Општата болница евидентирани се повеќе од четири илјади пациенти со оваа болест, информираат надлежните.
Дијабетот е хронично заболување, кое се карактеризира со покачен шеќер во крвта. Најчести симптоми се жед, сува уста, поспаност, замор, често мокрење, чести инфекции.
Раководителката на Центарот за дијабет, прим. д-р Марија Бајдевска -Спирковска, спец.по интерна медицина-дијабетолог, по повод Светскиот ден на дијабетесот, соопшти дека моментално има регистрирани 4232 заболени од дијабет во општина Куманово, 729 во општина Липково, и 136 во општина Старо Нагоричане, доминантно од женскиот пол. Секоја наредна година бројот се зголемува. Ризик фактори се начинот на исхрана, прекумерна телесна тежина, седентарен животен стил.
Раководителката на Центарот за дијабет апелира – да се превенира дијабетесот со здрава исхрана, намалување на телесната тежина, физичка активност, барем 30 мин дневно, 3 пати неделно, да се избегнуваат цигари, да се пие вода, а за десерт овошје.
Инаку, овогодинешното мото на Светскиот ден на дијабетесот е „Дијабетес и севкупна благосостојба“, односно да се обрне внимание не само на вредноста на шеќерот во крвта, туку и на севкупното здравје на пациентите, и физичко и ментално.
Во глобални рамки, дијабетесот зема замав, 1 од 10 лица во светот има дијабетес, а секое втор пациент е без дијагноза. Се зголемува и бројот на лица со предијабетес (состојба на гранично покачени вредности).