(ВИДЕО) На Спомен Костурница одбележан 11-ти ноември

Куманово го слави, Денот на ослободувањето, 11-ти ноември. На овој ден, 1944 година, по жестоки борби кои се воделе од први до 11-ти ноември, градот е ослободен од фашистичката војска. Во акциите за ослободувањето на Куманово учествувале две бригади од составот на кумановската дивизија и баталјон на народната одбрана. Во четиригодишната борба против фашистите учествувале над 2.000 кумановски борци, од кои 455 загинале.

По овој повод денеска традиционално бројни делегации положија свежо цвеќе пред споменикот на хероите од НОБ, Спомен Костурница. Почит одадоа претставници на Армијата, Министерството за внатрешни работи, Сојузот на борци од Народноослободителната и антифашистичка борба, Советот на општина Куманово, Здружението на армиски и полициски ветерани, невладини здруженија, училишта и бројни граѓани.  Пред присутните се обрати Томислав Стојковски, потполковник во пензија и член на Здружението на армиски и полициски ветерани од Куманово.

-На 11-ти ноември 1944  година по долга и крвава народно ослободителна и атнифашистичка борба, како и борба со балистички и четнички формации, Куманово го доживува својот прв ден на слободата, ден за кој мечтаеле неговите најдобри синови, кои за слободата на својот град и Македонија ги положиле своите животи. За расположението на граѓаните сведочи сеќавањето на еден учесник во ослободувањето, цитирам: во тоа саботно попладне во градот влегоа единиците на 17-та и 18-та бригада, и други баталјони и команди. Во градот насекаде се слушаа весели извици, се чувствуваше општа радост на многу лица блескаа солци радосници-истакна тој.

Куманово, градот првоборец рече Стојковски, даде осум народни херои: Киро Фетак, Перо Чичо, Боро Менков, Бајрам Шабани, Боро Петрушевски – Папучар, Христијан Тодоровски – Карпош, Мара Нацева и Трајко Стојковски.