Неизвесно од кога ќе продолжи јавниот превоз, советниците не дискутираа за проблемот

Неизвесно е кога ќе продолжи повторно да функционира јавниот превоз во Куманово, информираа на денешната седница на Советот на Општина Куманово.

Раководителката на Секторот за комунални работи, инфраструктура и сообраќај,  Лидија Ланг Спасовска нагласи дека процесот за поднесување жалби за превозниците трае до 26-ти месецов, па доколку нема пријави, превозот може да започне да функционира, но само за 19 линии.

За останатите пет линии за кои не било аплицирано, но и за две за кои не била доставена целосна документација, ќе се распише нов оглас.

-Комисијата при водење на постапката и одлучување се водеше од фактите од одлуката со цел граѓаните да добија посовремен, поеколошки и пофрекфентен јавен превоз. Граѓаните ќе се возат со еколошки возила со минимум еко 4 стандард, со утврден возен ред кој ќе биде јавно објавен на стојалиштата-истакна  Ланг Спасовска.

За проблемот со градскиот превоз праша само претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска, што доколку никој од превозниците и на вториот оглас не се јави за наведените линии. На што Ланг Спасовска одговори дека станува збор за линии со кои се возат помал број патници, но ќе се обидат со правниците од општината да изнајдат решение и за овој проблем. Останатите советници не дискутираа за проблемот со градскиот превоз.

Во Куманово јавниот градски превоз не функционира од 1-ви јануари.