Нема референдум против интеграција на бегалци

Има големо прекршување во Законто за заштита на лични податоци при собирањето потписи на иницијативата „Будење“ против акциониот план за интеграција на бегалци во Република Македонија, вели денеска претседателот на Советот на општина Куманово, Александар Арсиќ.

Според Арсиќ, претставници на иницијативата собирале матични броеви од граѓаните на плоштад, иако според законот тоа може да го вршат само државни органи што е само една грешка во иницијативата која беше поднесена до седницата на советот.

Првиот потписник треба да е подносител, што во овој случај не е така, во ваков сериозен случај мора добро да биде информиран и оној кој собира потписи – вели Арсиќ.

Плодна дебата се разви на денешната седница иако точката не стигна да се најде ниту на дневен ред, поради тоа што советот утврди неуредност во постапката на поднесувањето иницијатива со која се бара распишување на референдум против интеграција на бегалци на подрачјето на Општина Куманово.

Најмалку 20% од граѓаните треба да се потпишат на една иницијатива и тоа пред соодветен орган или пак советот самиот врз основа на своите овластувања и ингеренции да распише рефенрендум, а ние немаме таки ингеренеции со оглед дека немаме никаков документ или барање доставено до општината во кое се споменува изградба на социјални станови или интеграција на бегалците во Куманово, додаде Арсиќ.

Освен иницијативата „Будење“, на дневниот ред барање за распишување на референдум поднесе и советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија. Во предлогот стоеше да се распише референдум кој би се одржал заедно со локалните избори на 15 октомври на кој би имало едно прашање „Дали сте за населување и интеграција на мигранти во Куманово?“ со што би биле понудени два одговори, „да“ или „не“.

Согледувајќи ја целокупната ситуација и се она што се случува околу нас и целата кампања што се води за донесување на стратегија за справување со мигранти. Ние како советничка група и како можам да кажам гласноговорници на граѓаните кои не избраа поднесовме иницијатива до советот да се распише референдум за да се донесе одлука дали граѓаните на Куманово се за тоа на територијата на Општина Куманово да се градат објекти во кои ќе бидат сместувани мигрантите кои по некои навестувања би требало да бидат населени во Република Македонија. Многу градови донесоа одлуки дека не се сложуваат со оваа стратегија, мислам дека и граѓаните на Куманово, барем оние што стапија во контакт со нас го имаат тоа мислење и сигурно нема да се сложат и ние како нивни претставници во советот предложивме советот да донесе одлука за оваа прашање, меѓутоа како и многупати до сега мнозинството на советот не ја прифати нашата одлука без воопшто да ја разгледа – вели Драган Петковски, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија.

Сепак и иницијативата на опозицијата беше неуспешна. Како што потенцираше Младен Давидовиќ, координатор на СДСМ и коалицијата, не може да се расправа за нешто што не постои.

Сметам како координатор на СДСМ дека оваа барање што го бара ВМРО е неосновано и сака да наметне на советот да разгледуваме за некое прашање каде навистина немаме надлежност, тоа за нас е политички трик каде што ги лажат граѓаните, дека наводно слушнале меѓу граѓаните, меѓу народот дека се зборува за некои мигранти кои ќе бидат населени во Куманово, така што ние треба да разгледуваме нешто што и не постои. Како да поставам јас прашање до Советот, дали мислите дека Груевски и Мијалков со украдените пари на граѓаните од државата ќе отидат во Чешка имајќи друг пасош, да се водиме на тоа дека тие имале два пасоши. Тоа е неосновано и смешно, несериозно и аматерски од нивна страна и затоа мислам дека ова нема да пројде меѓу граѓаните на следните локални избори – изјави Давидовиќ.

Сепак советот донесе Заклучок во кој стои дека согласно законските процедури утврдена е неуредност на иницијативата затоа што истата е во спротивност со Законот за референдуми и други изјаснувања на граѓаните, во спротивност на ингеренциите на советот. Заклучокот беше изгласан со 15 гласа за, 7 против и двајца воздржани, со што истиот ќе биде објавен во Службениот весник.

Коментари

коментар(и)