Одбележан светскиот ден на Ромите

„8 Април е ден кога се афирмира потребата од големата поддршка на ромската популација која се соочува со социјални и економски проблеми, но осми април исто така е ден кога во државава се потенцира значењето на културните вредности и специфики на ромската заедница“ , рече во своето обраќање пред присутните во Занаетчискиот дом,  претседателот на ансамблот на народни ромски песни и игри „Рушит Шакир“, Самет Салиевски. Тој посочи дека иако има интегрирани Роми во општествениот живот , сепак дел од ромската популација се соочува со предрасуди и дискриминација.

-Денеска Ромите се интегрален дел од македонското општество, рамноправни граѓани кои ги уживаат своите права, го негуваат својот јазик и ја шират својата култура и традиција. Денеска има Роми интегрирани во општеството,  професори, адвокати, политичари кои што учествуваат во креирањето на политиките, работат на решавање на нивните проблеми и активно партиципираат преку своите партии и политичкиот живот. Сепак да не заборавиме дека тие сепак се соочуваат со стереотипи, предрасуди, дискриминаторско однесување. Денеска се уште имаме потешкотии во своето образование, домување, вработување, социјална и  економска општествена еднаквост , се уште е потребен еднаков пристап кон општествените добра , здравствена заштита. Затоа поддршката од локалната самоуправа ни е од големо значење и се надевам дека ќе се продлабочи. Во Општина Куманово Ромите се вклучени во Советот, во општинската администрација, институциите, во областа на образованието , културата, спортот и се повеќе се работи во сферата на нашата интеграција во социјалниот живот и во нашиот град, рече Салиевски.

Градоначалникот Максим Димитриевски пред присутните потенцираше дека во Советот на општината ромскиот јазик се користи како службен со што дополнително  се потврдени заложбите на општината и на граѓаните кои што живеат во оваа мултикултурна општина дека локалната самоуправа работи  на соживотот и на неговото секојдневно унапредување.

-Се согласувам дека можеме заедно многу повеќе и пред нас претстојат големи задачи за да го унапредиме животот на сите наши граѓани на заедницата без разлика на својата етничка, верска, политичка или било која друга припадност. Воедно вас Ромите ве охрабрувам да ги поттикнете семејствата, особено оние најмладите во семејствата да вложат сопствени напори во делот на личната едукација и образованието, домашното воспитување, да го следиме трендот на секојдневието бидејќи едни без други не можеме да напредуваме заедно на полето на развојот на нашата држава, да еден ден стане полноправна членка на ЕУ, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово

Според последните податоци, на подрачјето на Куманово живеат 4.042 Роми, или пет проценти од вкупното население во градот, а на ниво на државата , застапеноста на ромската етничка заедница е 2,66 отсто.

Инаку, меѓународниот ден на Ромите – 8 Април  официјално е прогласен во 1990-та  година  на Светскиот конгрес на Меѓународната унија за Ромите во Полска. На конгресот претставници на Роми од 14 држави донесоа одлуки за знаме, химна, за прогласување на ромскиот јазик и за воведување на терминот Ром. На Првиот конгрес на Роми во Лондон во 1971 година, ромскиот јазик е деклариран како официјален јазик на сите Роми во светот.

Коментари

коментар(и)