Општина Куманово објави повик за субвенции за приклучок на гасоводната мрежа

Куманово ги повика граѓаните да аплицираат за надоместување на дел од трошоците за приклучок на гасификациска мрежа на подрачјето на општината за 2025 година, како дел од сетот мерки наменет за намалување на аерозагадувањето во градот, информираа денеска од општината. Општината субвенционира 25.000 денари за приклучок.

Општина Куманово, со цел да ги стимулира граѓаните за користење гас за затоплување на своите домови, кои минимално ги загадуваат воздухот и почвата и не влијаат врз климатските промени, ќе обезбеди поврат на дел од потрошените средства, направени за приклучна такса кон гасификациска мрежа по денот на објавување на овој јавен повик, сè до исцрпување на буџетот наменет за таа намена, но не подоцна од 30, ноември годинава.

Јавниот повик е објавен на веб-страницата на Општина Куманово.

Услов за учество во јавниот повик е купувачот да нема искористена субвенција од кој било извор за иста намена од државата.