Во Градската библиотека „Тане Георгиевски“ денеска се одржа промоција на книгата Рогот на љубовта од Божин Павловски. Станува збор за автобиографски роман, во кој дејството се случува во средината на минатиот век. Авторот посочи дека во делото е опишан ентузијазмот на младите луѓе кои тогаш пројавиле интерес за сопствено издигнување, во периодот кога започнува заминувањето во туѓина.
-Времето во кое младите сакаа да ги раскинат сите бариери и да создадат сопствена слика за светот, ми се чини дека меѓу романите во кои најмногу работев во животот е овој. Имам една сатисфакција бидејќи има некои изданија англиски и други кои кажуваат дека сум постигнал добар ефект. Овој роман се разбира имаше и во Македонија солидна читачка публика, ја доби и наградата Рациново Признание. И се надевам дека и во Куманово читателите ќе го сакаат-наведе тој.
За ова дело на Павловски, пред кумановци зборуваше Блаже Миневски, а извадоци читаше актерката Кети Дончевска Илиќ.
-Станува збор за приказна за отуѓување на луѓето на репресии од власта во 50-ите години на минатиот век кога системот на државната власт контролирана преку тајните служби и полициските сили во тоа место прават пекол во однос на луѓето кои на некој начин изразуваат свое сопствено мислење и убедување и приказната се одвива во круг на семејство на четири синови и една ќерка во кој што еден ден ненајавено доаѓа човек кој се претставува како Јуда а кој тие го дочекуваат како спасител, тука започнува заплетот на романот-нагласи тој.
Игри со љубов, Лудости, Дува, Австралија, Австралија, Подвижни гробови и Изгубени во рајската градина се само дел од познатите дела на Павловски. Тој е и добитник на наградите Рациново признание, 11 октомври, Кочо Рацин, Гоцева повелба и многу други.