Министерот без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите Шабан Салиу на синоќешната централна прослава во Националната опера и балет истакна дека 8 Април се одбележува како Меѓународен ден на Ромите, ден на гордост, но и потсетник за предизвиците со кои се соочува оваа заедница.
-На овој датум во 1971 година во Лондон се одржа првиот Светски конгрес на Ромите, историски момент во процесот на афирмација на ромскиот идентитет. Овој конгрес донесе многу значајни одлуки како официјалното признавање на ромската нација, усвојувањето на ромското знаме, химната „Џелем, џелем“ и користење на терминот Ром. Овој ден, не е само повод за прослава на богатата ромска култура и традиција, туку и можност за длабока рефлексија за нашата заедничка одговорност – да градиме општество во кое секој граѓанин без разлика на своето етничко потекло има еднакви можности и перспективи. Инклузијата, еднаквоста и почитувањето на човековите права мораат да бидат наши водечки принципи во создавањето на подобра иднина на сите. Постигнат е значителен напредок, но, патот за целосна интеграција и еднаквост на ромската заедница е се уште долг. Посветени сме на гарантирање на правата со акцент на заштита на Ромите од дискриминација во сите сфери на животот како што се образованието, работните места, здравството, јавните услуги, домување,… Нашата визија за иднината е јасна – да обезбедиме целосна социјална и економска инклузија на Ромите, да ја унапредиме нивната позиција во општеството и да се обезбеди секој Ром да има еднакви можности за живот достоен за човечкото битие – потенцира Салиу.