Спречен шверц на девизи и апарати на ГП Табановце

Во текот на изминатата недела, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено биле задржани девизи, сребрен накит, техничка стока, медицинска опрема, делови за мобилни телефони и обувки.

Како што информираат од Царинската управа на Република Македонија, девизи во износ од 8.900 евра биле откриени во два одвоени случаи при личен претрес на тројца македонски државјани, пријавени за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат.

Во првиот случај, при личен претрес на возачот на македонски автомобил и неговиот сопатник, привремено биле задржани 5.900 евра. Во џеб од панталоните на возачот биле пронајдени 5.900 евра, а во рачна ташна на сопатникот биле пронајдени 4.000 евра, за кои не поседувале документи за потекло. Согласно законските прописи на патниците им биле вратени по 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, додека останатиот дел од сумата бил одземен.

Во вториот случај, во џеб од панталоните на возачот на бугарски автомобил биле пронајдени 5.000 евра за кои не поседувал документ за потекло. Како и во претходниот случај на патникот му биле вратени 2.000 евра, а остатокот од парите биле привремено задржани.

Против тројацата патници биле поднесени прекршочни постапки.

Вкупно 30 парчиња употребувани електрични алати: мотори за сечење дрва и бетон, брусалки, апарати за заварување, хилти и бор-машини биле откриени при контрола на германски автомобил, управуван од српски државјанин, а пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените алати, пронајдени на задното седиште и во багажникот на возилото, биле привремено задржани, а против возачот била поведена соодветна постапка.

Коментари

коментар(и)