Кумановската болница континуирано ги подобрува условите и грижата за пациентите. Директорот на јавната здравствена установа, Сашо Стошевски информира дека започнувале со најсовремен третман на трауматолошки повреди.
„Во ЈЗУ Општа Болница Куманово започнавме со примена на нова и современа оперативна техника наменета за третман на проксимални фрактури на бутната коска со механизам на двојна компресија. Нашиот тим на хирурзи, ортопеди и трауматолози е обучен за примена на оваа најнова технологија која претставува значителен напредок во третманот на трауматолошки повреди. Оваа техника претставува третман на интрамедуларни фрактури со двоен компресивен механизам и истата придонесува висока биомеханичка стабилност, оптимална компресија и најважно за пациентите, брза постоперативна мобилизација. Оваа е само прва фаза во која ќе бидеме регионален центар за североисточниот дел на Р Македонија, со амбиции да прераснеме во национален центар за проксимален фемур. ЈЗУ Општа Болница Куманово бележи континуирана посветеност кон унапредување на хируршките методи и подобрување на грижата за пациентите. Се стремиме да бидеме лидери во примената на иновативни технологии кои овозможуваат подобри резултати и поквалитетен живот на пациентите“, соопшти Сашо Стошевски, директор на ЈЗУ Општа болница Куманово.
