Министерот за економија Крешник Бектеши денеска изјави дека останува на ставот дека поскапувањето на струјата ќе биде најмногу до 10 отсто.
-Јас останувам на тоа што сум го кажал и ќе чекаме до крајот на месецот да видиме каква ќе биде одлуката на РКЕ. Ние сме ги направиле сите анализи, и не само јас како министер за економија и другите институции биле вклучени – енергетските компании како што се ЕСМ, ЕВН, МЕПСО и согласно нашите анализи останувам на ставот што сум го кажал. Нема да има зголемување повеќе од 10 отсто, рече Бектеши.
Тој прециизра дека првично не кажал 10 проценти, туку, вели, најмногу до 10 проценти, а тоа може да биде и нула, и еден и два, па до 9,99 отсто.
