Три медали за КБК „Предатор“ на меѓународен турнир во БиХ

Една сребрена и две бронзени медали освои кик-бокс клубот „Предатор“ на турнирот кој изминатиот викенд се одржа во Тешањ, Босна и Херцеговина. Членовите на клубот од Куманово продолжуваат со успешните настапи на меѓународната сцена.

„Данило Методиевски го отвори настапот на клубот со првата борба во ринг, каде што по голема борбеност славеше победа со 2:1 против противник од Босна и Херцеговина. Во втората борба, по низа мечеви, повторно се сретна со босански борец, каде по контроверзна судиска одлука и по два нелегални удари во пределот на гениталиите, Методиевски го загуби мечот со 2:1. Дебитантски настапи во ринг имаа Петар Станковски и Димитар Давитковски. Станковски покажа голем потенцијал и го освои третото место, додека Давитковски, кој се соочи со поискусен противник, успеа да стигне до сребрената медала. Двајцата борци повторно ќе се натпреваруваат на следниот турнир закажан за 12 декември во Ниш. Во категоријата на татами се натпреваруваше Борјан Арсовски, кој доминираше во првата борба, но во четвртфиналето беше поразен од противник кој е меѓу десетте најдобри на светската ранг-листа“, соопштија од КБК „Предатор“.

 Од клубот изразија задоволство од прикажаните настапи, оценувајќи го турнирот како големо искуство и најава за уште подобри резултати во иднина.