Тројца повредени и еден мртов во две сообраќајки

Тројца повредени и еден мртов е билансот од вчерашните две сообраќајни несреќи кои се случиле во Куманово.

Во Секторот за внатрешни работи, вчера околу 14,00 часот било пријавено дека во Куманово на улицата „Бајрам Шабани“, каде се изведувале градежни работи за поставување на бекатон плочки, 46-годишниот Џ.Ј. од селото Липково, движејќи се наназад со товарно моторно возило „Мерцедес“ со кумановски регистерски таблици го прегазил 43-годишниот Ќ.А. од село Отља, кој од здобиените повреди починал на местото на настанот.

Увид извршиле Јавен обвинител и увидна екипа од СВР-Куманово. По наредба на Јавен обвинител телото на починатиот е предадено на семејството за погреб.

Сообраќајна несреќа се случила и на улицата „Тоде Думба“, каде околу 7 часот изутрина, патничко моторно возило „Фолксваген голф“ со кумановски регистерски таблици, управувано од 74-годишниот  Н.Ѓ. од Куманово, удрило во бетонски столб и метална ограда, потоа во паркирано патничко моторно возило „Сеат толедо“ со кумановски регистерски таблици, сопственост на 37-годишниот Б.К. и во пешак 71-годишниот Т.А. од Куманово.

Во незгодата, како што информираат од полицијата, со тешки телесни повреди се здобиле Т.А. и Б.К., кои по укажаната лекарска помош во Општата болница во Куманово биле препратени во комплексот клиники “Мајка Тереза“ во Скопје. Н.Ѓ. се здобил со телесни повреди и укажана му била лекарска помош во Општата болница во Куманово.

Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР-Куманово и се работи на целосно расчистување на случајот.

Коментари

коментар(и)