Јавна трибина за законски измени за успешна имплементација на проектот „Безбеден град“

Денеска се одржа јавна трибина за измените на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата и Законот за прекршоците кои треба да се случат за функционирањето за проектот „Безбеден град“.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски истакна дека со системскиот пристап работната група утврди дека се потребни промени во пет законски решенија за овој проект квалитетно да профункционира и тоа за Законот за безбедност на патиштата, Законот за прекршоци, Законот за возила, Кривичниот закон и Законот за извршување на санкции. Сите тие се клучни закони кои треба да претрпат измени за да создадеме функционално системско решение.

„Верувам дека со имплементација на овој проект во иднина целосно ќе ја промениме сообраќајната култура за целосно да се зголеми безбедноста во сообраќајот, за повеќе никогаш да немаме такви бројки како 142 жртви на сообраќајни несреќи годишно.“, потенцираше министерот Тошковски.

Министерот Тошковски образложи дека со засилени сообраќајни контроли и зголемени број на регистрирани прекршоци за овој период од почетокот на годината досега, реално се намалени сообраќајните незгоди за 30% и сообраќајните незгоди со жртви за 60%, и очекува дека постојаноста на системот „Безбеден град“ значително да ги намали тие бројки кога ќе профункционира.