Денеска, 9-ти декември се одбележува како Ден на превентивната работа на полицијата.
Отсекот за превенција при Секторот за внатрешни работи Куманово од 9-ти декември 2008-та година делува како посебна организациона единица.
Како резултат на повеќето проекти и активности од областа на превентивното делување, Отсекот за превенција години наназад е препознаен од локалната заедница.
Според СВР Куманово, спречувањето на криминалот бара добра соработка и заеднички напори на полицијата и заедницата. Од суштинско значење е полицијата добро да комуницира со локалните заедници за да ги разбере нивните грижи и да одговори на безбедносните предизвици.
Во СВР Куманово се поддржува дијалогот меѓу полицијата и граѓаните, како и имплементацијата на Стратегијата за вклучување и комуникација со заедницата на Министерството за внатрешни работи, која повикува на развој на отворена и транспарентна полициска служба, ориентирана кон заедницата. Отсекот за превенција при СВР Куманово континуирано презема мерки и активности со граѓаните, а како дел од реализираните проекти се „Слави со срце, не со оружје“ , „Безбедно лето“, „ Безбедни училишта“, „Безбедно возење трактори и земјоделски машини“ , „ Безбедно дома и на улица“ и уште многу други.