ВИДЕО: Во Матејче чествување на Мала Богородица

Верниците со потекло од село Матејче, но и голем број граѓани на Куманово и поширокиот регион денеска го одбележаа празникот Рождество на Пресвета Богородица односно Мала Богородица во манастирскиот комплекс. Од година в година се помасно е чествувањето на празникот во црквата Успение на Св.Богородица, сместена на падините на Скопска Црна Гора, во општина Липково. Инаку, поголемиот дел од поранешните жители на село Матејче секоја година на овој ден се враќаат во своето родно место, но имаат искрена желба црквата да биде полна со луѓе и на останатите празници, а не само на на денешниот чие име го носи црквата.

-После неколку години, сега повторно сум во Матејче на одбележувањето на Мала Богородица. Јас сум жител на село Матејче и за нас ова место е местото на нашите корени, каде што израснавме , изјави Весна Николиќ, поранешен жител на с.Матејче

Традиционално, и годинава се кршеше лепче со паричка и се избра кум за следната година. Свечена литургија служеше митрополитот Кумановско-осоговски г.Григориј.

– Да се биде кум на овој ден е голема чест, особено за нас од Куманово кои ова место сите го носиме во срцето од мали нозе. Повеќе време имав желба да станам кум и желбата ми се оствари. Минатата година беше доста успешна за нас, изјави Александар Димковски, кум

–  Денеска првпат дојдов во овој манстир, за првпат присуствував на светата литургија и можеби среќа некоја, на мене ми се падна паричката при кршење за кумство, така што следната година јас сум кума, изјави Мишела Здравковска Филиповиќ,  кума за следната година

Дел од денешното одбележување на Мала Богородица во Матејче беа и претставници на Владата, општина Куманово, политички партии, граѓански здруженија, бизнис заедницата.

Инаку, по воениот конфликт од 2001 година на иницијатива на раселените лица, неколку години организирано со автобуси и во придружба на полицијата и ОБСЕ се одбележуваше овој христијански празник. Потоа традицијата продолжи, но во приватна организација.

Она што радува е што неодамна започна реставрација и реконструкција на црквата со средства од Владата и Министерството за култура. Активисти од градот, со години алармираа за исклучително лошата состојба на манастирот.

Манастирската црква е изградена во XIV век од страна на цар Душан, а по неговата смрт, неговата сопруга Елена и неговиот син Урош ја доградиле и живописале. Претходните години надлежните институции одвоија средства во годишната програма за проекти од областа на заштитата на недвижното наследство. Во 2021 година беше одобрен проект за заштитни интервенции на архитектурата и ѕидното сликарство на црквата во Матејче во износ од 1.000.000 денари. Во текот на 2020 година на барање на надлежната установа НУ Национален конзерваторски центар беа одобрени 300.000 денари за реализација на ургентни превентивни интервенции на црквата Успение на Света Богородица во манастирот Матејче.

Коментари

коментар(и)