ВИДЕО: Гимназијата -домаќин на Еразмус проект

Професори и ученици од Гимназијата „Гоце Делчев“ деновиве се домаќини на свои колеги и врсници од Полска, Португалија, Италија и Турција во рамките на Еразмус проектот „Училишно онлајн радио“. Станува збор за четвртата мобилност од проектот кој започна да се реализира во 2019-тата година, а главен координатор е Полска.

Поради ковид ситуацијата во нивната држава изминатиот период, работната група од Италија, партнер -држава во проектот првпат учествува во активностите.

-За жал, на претходните мобилности не можевме да учествуваме поради целата ситуација со пандемијата, сега сме пресреќни што сме овде. Првпат се наоѓаме во Македонија, во тимот сме двајца професори и пет ученици и едвај чекаме да ја откриеме вашата убава земја и да доживееме што повеќе доживувања изјави координаторот од Италија.

-Доаѓам од Турција, дојдовме за да ја претставиме радио драмата која ја подготвивме и воедно подготвивме и презентации на тема на оваа мобилност, а тоа се младински проблеми.

-Моника од Португалија, ова ни е прв Еразмус проект и многу сме возбудени да бидеме овде во Македонија. Чекаме да видиме што ќе научиме ново од вашата држава, од вашиот град и да продолжиме воедно со работилниците кои што ги почнавме на претходната мобилност која се одржа кај нас во Порто, на тие работилници имавме снимање на поткаст, имавме многу активности, се надеваме дека ќе продолжиме со истото и овде, рече координаторот од Португалија.

Учениците и наставниците од партнер земјите во проектот денеска во Занаетчискиот дом имаа можност да се запознаат со своите домаќини, да добијат повеќе информации за гимназиското образование во Македонија, но и за нашиот град.

-Покрај денешната церемонија што ја имаме за запознавање со нашето училиште, за градот, ќе се запознаеме со убавините на Охрид кој го посетуваме утре, ќе ги посетиме главните знаменитости, во четврток следуваат работилници со невладината организација ЦИД, ќе има презентации за проблеми со млади, ќе одиме во радио Бум, каде што ќе снимаме поткасти за проблеми на младите, предвидени се шетања во Куманово, посета на Скопје со знаменитостите во петок, во сабота традиционалните ручек и вечера, домаќините ќе имаат можност да подготват традиционални јадења, изјави Филип Младеновски, Гимназија „Гоце Делчев“

Петтата мобилност на темата „Национални гордости“ ќе биде во Италија, а последната активност „Здрав начин на исхрана“ во Полска, во јуни месец.

Предвидено е проектот да заврши во август годинава.

Коментари

коментар(и)