ВИДЕО: Зголемен интересот за МРП вакцината во Куманово

Зголемен е интересот на родителите за вакцинација на децата со вакцината МРП, откако во Свети Николе беше регистриран случај на заболено 13-месечно дете со морбили, информираат надлежните од Детски диспанзер „Тоде Мендол“, Здравствен дом Куманово. Дел од родителите ја одложуваат вакцинацијата чекајќи детето да прозбори и да прооди или воопшто не ги вакцинираат децата. Според податоците, Куманово спаѓа во општините каде што постои низок опфат со МРП вакцината, вели д-р Валентина Богоевска-Димитриевска, од Детски диспанзер „Тоде Мендол“. Таа појаснува дека вакцината е безбедна, без несакани последици по здравјето на децата, а доколку родителите сакаат нивните деца да бидат здрави, редовно да ги имунизираат.

-Родителите немаат вистински информации, се шират дезинформации дека вакцината предизвикува аутизам, тоа не е точно, но мора да кажеме, еве, последната епидемија во 2019 се вакцинираа голем број деца и нема несакани реакции. Бенефитот од вакцината е повеќекратен, изјави д-р Валентина Богоевска-Димитриевска, од Детски диспанзер „Тоде Мендол“.

Доктор Богоевска- Димитриевска смета дека е неопходна поголема информираност за оваа вакцина, преку информативни емисии, едукативни предавања, делење на брошури и флаери на терен, со цел родителите да ја имаат вистинската информација во врска со МРП вакцината, но и со несаканите последици од вирусната инфекција – морбили, доколку заболеното дете не е навреме вакцинирано.

-Вирусната инфекција морбили може да предизвика осип по телото, висока температура, може да предизвика и тешки компликации, воспаление на мозок, на бели дробови, ушиња, на бубрези, дури и фатален исход, изјави д-р Богоевска.

Првата доза од ова вакцина се дава на децата на 13 месечна возраст, а втората доза во прво одделение.

Коментари

коментар(и)