ВИДЕО: Околу две илјади ученици пливаат бесплатно на базенот

Бесплатно пливање за сите ученици е проект на општина Куманово кој успешно се реализира на градскиот базен. Претставници на Советот на општината, Секторот за образование, Општинскиот сојуз на спортови и на училишниот спорт денеска го посетија базенот со цел да видат како тече проектот и колку учениците се заинтересирани заедно со своите наставници по физичко образование да ја користат субвенцијата од општината. На месечно ниво, базенот го користат околу 2.000 основци и средношколци пливачи, а надлежните денеска најавија дополнително и обуки за наставниците кои што во наредниот период би работеле со учениците -непливачи. За овој проект општина Куманово преку Советот додели седум милиони денари на годишно ниво.

-Од 20 основни училишта, 17 ги користат овие поволности, не користат само три подрачни училишта токму поради превозот, но ќе видиме со Секторот за образование како тоа може да се регулира. Во наредниот период се очекува обука за наставници за деца кои се непливачи, изјави Ивана Ѓорѓиевска, претседател на Совет на општина Куманово

-Овде се опфатени сите училишта на ниво на општина Куманово. На термини доаѓаат околу 2.000 ученици, во просек на еден термин имаме од 80 до 90 ученици. Термините се два пати неделно за секое училиште во одделенска и во предметна настава, од 09 -11 часот претпладне и од 14 -17 часот попладне. За професорите ќе има семинар за пливање и за ватерполо тренери, со цел да се дообучат наставниците за да подобро работат со непливачите, изјави Ивица Ѓорѓиевски, претседател на Општински сојуз на училишен спорт Куманово

Од градскиот базен денеска со апел до учениците да не ја загрозуваат хигиената во базенот, а кон инвентарот да се однесуваат како во своите домови.

-Апелирам до сите кои го користат базенот, особено до децата и до професорите што ги придружуваат да водат грижа за хигиената во водата бидејќи имам забележано дека децата со гуми за џвакање влегуваат во базен, а потоа мастиките завршуваат на дното на базенот, а со тоа се загрозува хигиената, а можат да се затнат и самите филтри од мастиките. Исто така апелирам и до децата редовно да ги затвораат чешмите после туширање, затоа што и тоа го имам заблежано откако ќе се истушират, водата ја оставаат да тече, а таа е загреана, значи за џабе се троши и вода и струја, а се обидуваме да биде поефикасно работењето на базенот. Да не се кршат гардероберите, да се чува инветарот бидејќи тоа е за сите нас. Ме радува обуката за професори за деца непливачи и апелирам до родителите да ги пуштат децата да научат да пливаат бидејќи со одржување на самата градба на телото се подобрува и моториката, но и психофизичкото здравје на децата, изјави Дарко Митевски, советник

-Покрај рекреативци и клубови, активно од февруари годинава откако работи базенот и проектот функционира беспрекорно. Мислам дека бројката на учениците е двапати поголема од бројката на клубовите што покажува дека има огромен интерес од учениците. Клубовите се константни, од февруари се зголемува бројот на децата и на рекреативците. Отворениот базен ќе работи во летните услови по завршување на учебната година до први септември, изјави Сашо Петрушевски, изјави директор на ЈП „Куманово паркинг“

Проектот за правилен и подобар психо-физички развој на учениците започна во февруари годинава, целосно финансиран од општина Куманово.

Коментари

коментар(и)