ВИДЕО: ООУ „Толи Зордумис“- домаќин на регионален натпревар по географија

Данило Величковиќ, шестоодделенец од училиштето „Христијан Карпош“, Лазар Николовски, седмо одделение од „Кочо Рацин“, осмоодделенките Нина Милошевска и Лора Николовска од „Крсте Мисирков“, Ангела Јаневска и Матеј Илиевски од „Кочо Рацин“ и Ангела Мартиновиќ  од „11 Октомври“ -деветоодделенци се учениците кои што се пласираа на државен натпревар по географија.

42 ученика со 15 ментори од 9 основни училиште изминатиов викенд учествуваа на регионален натпревар по географија за учебната 2022/2023 година во организација на Здружението на професори по географија ЗПГМ – Проф.др Љубе Миленковски – Скопје.

Домаќин на натпреварот, како и честопати досега беше основното училиште „Толи Зордумис“.

Токму ваквите натпревари со голем број учесници и одличните резултати говорат дека постои огромен интерес за изучување на предметот географија, заради што професорите не се согласуваат со новиот концепт за шесто одделение со кој географијата, како што вели професорката по географија, Сузана Николиќ се трга од задолжителните предмети и се спојува со сродни науки. Таа потенцира дека и статистиката покажува дека учениците сакаат да го изучуваат предметот географија акако задолжителен предмет. Според податоците, ако минатата година на државно ниво имало околу 700 учесници на општински натпревар, оваа година бројката се зголемила на 1.250 учесници. Или пак, ако на регионален натпревар минатата година во кумановскиот регион имало  36 ученици, годинава бројката достигнала 43.

-Ние сакаме да престане експериментирање со овој предмет затоа што подолго време го имаме овој проблем од типот на ставање на географија во кембриџ програма, па некако успеавме да ја тргнеме, вториот проблем ни се појави со учебниците, веќе 4-5 години немаме учебници за седмо и деветто одделение така што се справуваме со потешкотии во предавањето, ние имаме наставен план и програма по која треба да ја реализираме наставата по географија, но се соочуваме со различни бројки, стари бројки, од кој учебник да се учи и тој проблем доаѓа посебно на натпревари како денеска, значи користени разни извори на информации. И трет проблем е овој сега што е актуелен, со новата концепција за шесто одделение предметот географија се трга од задолжителни предмети, а постапно од наредните години, седмо, осмо и деветто одделение ќе се тргне сосема предметот географија. Ако се тргне предмет географија се соочуваме со големи проблеми, посебно на наставен кадар, второ секое основно образование досега било темел од неколку предмети кои биле столб на основно образование, математика, македонски, географија, историја, биологија и сега географија се трга од задолжителен предмет и се ставаме во некои модули, спојување со некои сродни науки, така што ако не се изучува географија во основно образование, како ќе продолжи да се изучува во средно образование, па Институтот за географија дали воопшто ќе постои, затоа што ние имаме статистички податоци кои говорат нешто сосема друго. Ако минатата година сме имале на државно ниво околу 700 учесници на општински натпревар, оваа година бројката ни се зголеми на 1250 учесници. Само овде, во ова училиште сум 20 години веќе имам 4 ученици кои имаат завршено студии по географија и два-три ученика студии по туризам што е на нашата катедра при Природно- математичкиот факултет. Сите ние наставници по географија веќе ќе почнеме со реакции преку медиуми, преку социјални мрежи за да географијата си остане како задолжителен предмет, како еден столб на основно образование, изјави Николиќ.

Членовите на Македонско -географско друштво сметаат дека предметот географија не само што треба да остане задолжителен предмет во основното образование туку треба и да се заштити, односно да стане национален предмет, по примерот на Хрватска.

-Сите членови на повеќе географски здруженија што постојат во РСМ, Географско-македонско друштво како најстаро здружение на професори по географија од Скопје, географска сфера, како од градот така и од нашата држава сме на едно исто мислење, значи не само да си остане задолжителен предмет географија во основно образование, туку и да е заштити, да стане национален предмет, да одиме по некој модел на Р.Хрватска која е членка на ЕУ од  2013-та и таа си го заштити предметот географија како национален предмет. Ние можеме да користиме образовни системи и концепти на други држави, кембриџ програма, фински модел, но зошто да не користиме до крај тоа, значи можеме да видиме како тие работат, но ние не сме на нивна територија. Едно образование и една држава мора да си го заштитат својот јазик, својата територија и својата историја, а тоа се тие предмети, македонски, географија, историја, изјави Николиќ.

Државниот натпревар по географија ќе се одржи на 13-ти мај годинава во Скопје.

Коментари

коментар(и)