ВИДЕО: Повеќе активни мерки за вработување на невработените

Центарот за вработување од Куманово информира дека во тек е јавниот повик до единиците на локална самоуправа кои што се заинтересирани за организирање на јавни работи преку ангажирање на евидентираните невработени лица со ниски квалификации во проекти од инфраструктурен карактер и заштита на животната средина.

„Максимум ангажман кој што може да биде поддржан преку оваа програма е 22 работни дена со тоа што единиците на локална самоуправа се должни да финансираат 20 проценти од износот“, посочува раководителката на Центарот за вработување, Марија Димитријевска.

-За спроведување на оваа мерка предвидена е финансиска поддршка од 600 денари по работно ангажирано лице на дневно ниво каде што е вклучен данокот на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување причението од повреди на работа или професионална болест. Овде треба да се нагласи дека лицата кои што се корисници на гарантирана минимална помош или пак корисници на паричен надоместок по основ на привремена невработеност не го губат тоа право туку оваа финансиска поддршка која што е предвидена преку оваа програма се дополнителни финансиски средства.

Евидентираните невработени лица можат да аплицираат и за мерката – обука и вработување на лица за обезбедување на услуги на грижа во заедницата. И оваа мерка се спроведува со поддршка на УНДП.

-Обуката ќе се реализираат од страна на верификувани спроведувачи на обука, а се однесува на следниве занимања: асистенст за нега на лица со мултиплекс склероза, асистент за нега на лица со ајцхајмерова болест, палијативен негувател за нега на болни и изнемоштени лица, негувател на стари и немоќни лица, негувател на лица со попреченост за испорачување на услуги за одмена на семејна грижа, негувател за деца со попреченост за испорачување на услуги- одмена на семејна грижа и личен асистент за лица со попреченост. Обуката ќе се реализира во период од три месеци со тоа што содржи и теоретски и практичен дел, невработените лица за време на таа обука ќе добиваат финансиски надоместок во износ од 11.000 денари бруто износ. Невработените лица кои што ќе ја завршат обуката и успешно ќе го положат предвидениот испит се стекнуваат со сертификат кој што е издаден од страна на верификувани спроведувачи на обука и пропишан од страна на МОН, изјави Димитријевска.

Невработените лица кои што успешно ќе ја завршат обуката се стекнуваат и со можност за вработување како даватели на социјални услуги кај селектирани здруженија на граѓани и приватни установи за вонсемејна социјална заштита на старите лица согласно стручната обука со минимален износ на месечна бруто плата од 30.780 денари, информираат надлежните. Оваа мерка беше активна и минатата година.

Коментари

коментар(и)