Димитриевски: Прославата на ДУИ беше класичен партиски триумфализам, Mакедонија нема да дозволи да биде заложник на поединици

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски за ЦИВИЛ Медиа истакнува дека прославата на 20 годишнината од постоењето на ДУИ е класичен партиски триумфализам на којшто сакаше да се покаже како всушност се формира партија на сметка на државата.

„Тоа е политичка партија којашто е на власт повеќе од 20 години, партија од чиишто редови, барем во македонската јавност ниту едно лице нема одговарано за ниту една постапка, којашто ја следат многу контроверзи и верувам дека без разлика на шпекулациите во јавноста кои се појавија по однос на трошоците на прославата многу посоодветно ќе беше истите тие средства како партија да ги уплатеа како донација на Куманово, за изградба на новото училиште „Сами Фрашери“, отколку само декларативно да се залагаат за изградба на ова средно училиште кое има најголеми проблеми во делот на функционирање во нашата општина. Тоа е еден проект за кој разговараме веќе со децении, а тие се на власт 20 години и не успеаа барем досега да се заложат истиот проблем да се реши и да се обезбедат капитални инвестиции“, истакна Димитриевски.

Тој потенцира дека треба да има развој на политичките субјекти и демократија во општеството, но мора политичките субјекти да сфатат дека тие всушност зависат од граѓаните, а не граѓаните директно од нив.

Димитриевски за ЦИВИЛ изјави дека ова е еден лош пример како не треба да се постапува во државата и како не треба да се одбележуваат вакви триумфализми, особено не политички.

„Особено водејќи се од фактот дека имавме една слична претстава во Слупчане пред извесен временски период којашто предизвика бурни реакции, особено на етнички план кај Македонците и сметам дека сите оние лица што дадоа поддршка и одбележување на ваквиот проект можеби во моментот не беа свесни дека всушност се работи за класичен трумфализам кадешто лидерот на партијата, свесно, јасно и гласно, посочи дека доколку тој не постои на политичката сцена Македонија нема да ја има. Јас со такво нешто нема да се сложам никогаш во животот. Македонија не може, ниту пак ќе дозволи да биде заложник, некогаш, во своето постоење, на поединици, туку таа е резултат на реалната желба на граѓаните кои всушност ја направија оваа држава да биде самостојна своја“, рече Димитриевски.

 

Коментари

коментар(и)