До крајот на месецот се очекуваат предлози за пензиите

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска до крајот на месецот очекува конкретни предлози во однос на пензиите, со фокус на пензионерите со ниски месечни примања.

Таа денеска истакна дека работната група континуирано се состанува и оти во моментот се разгледуваат сите можности за ова прашање, нагласувајќи дека за утре е закажан состанок.

За 20 септември е најавен голем протест на пензионерите.

Одлуката за формирање на работната група беше донесена минатиот месец по состанокот на Тренчевска со Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, кој следуваше по протестот на пензионери во Скопје, на кои тие ги изнесоа своите барања, меѓу кои, линеарно зголемување од 3500 денари на сите пензии, како и продолжување на усогласување на износот согласно новата методологија воспоставена минатата година, како и одредување на минималната пензија во износ 80 отсто од минималната плата.

Целта на формирањето на работната е да предложи решенија кои ќе бидат одржливи во однос на утврдување на износот на минимална пензија, но и за други видови пакети мерки за помош и поддршка на пензионерите. Работната група е составена од претставници на МТСП, од Владата и Сојузот на пензионери и од  Фондот на пензиското и инвалидското осигурување.

Коментари

коментар(и)