ИЈЗ со совети за успешно справување со топлото време

Граѓаните со себе да носат шише вода, да се носи капа, шешир или чадор за заштита, доволно да се спие, да се јаде овошје и салати, да се избегнуваат алкохол, кафе и солена храна што може да дехидрира, се само дел од препораките на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за успешно справување со топлото време.

Кога станува збор за патувањата, од ИЈЗ препорачуваат граѓаните да се информираат за општата здравствена состојба, заразните заболувањa и потенцијалните ризици по здравјето во подрачјето каде се планира да се патува. Осигурајте се дека сте ги примиле вашите рутински вакцини, особено бидете во тек со вакциналниот статус на децата со кои патувате.

Доколку имате потреба од дополнителни сознанија, консултирајте го вашиот избран лекар или надлежниот Центар за јавно здравје.

Задолжително да се носат средства за заштита од инсекти, крем за сончање со заштитен УВ-фактор над 30, алкохолни дезинфекциони средства и здравствената книшка.

Од ИЈЗ нагласуваат дека доколку се следат четири правила, може да се намали веројатноста од инфекција. Прво, да се нанесат на кожата репеленти односно – средства што одбиваат комарци, особено кога се патува во тропски области.

Второто е носење соодветни облека и обувки за време на патувањето.

Трето правило, според Институтот, е да се користат заштитни мрежи, или граѓаните да одмораат во климатизирани простории.

И последното, но, не и помалку важно, доколку граѓаните се разболат, да побараат медицинска помош.

– Ако за време на патувањето развиете треска – 38°С и повеќе, или други симптоми, побарајте медицинска помош, апелираат надлежните.

Ако сте во затворен простор со вклучено ладење од клима уредот, пред да излезете надвор во топла средина исклучете ја климата барем половина час пред тоа, за да полесно се адаптирате на темепературната разлика, гласат препораките на ИЈЗ.

 

Коментари

коментар(и)