Куманово дел од Турата на толеранција

Куманово беше дел од  Турата на толеранција во која зедоа учество 30 млади луѓе од 14 различни држави. Перформансот кој вчера се изведе на градскиот плоштад имаше за цел да ја подигне свеста на граѓаните за проблематиките во областа на мирот и правото на слободно изразување на љубов. Турата на Толеранција ќе посетува градови кои се погодени од недамнешни војни или конфликти. Уличниот перформанс е дел од проектот што се имплементира од меѓународната младинска организација, Млади за Размена и Разбирање.

-Процесот започна во Вуковар каде беше обуката, потоа бевме во Никозија во Кипар и сега сме дел од турата на толеранција на Балканот. Вчера имаше претстава и настан во Приштина, денеска сме во Куманово, а утре продолжуваме за Лесковац, Сараево , Бања Лука , Вуковар и Нови Сад, вели, Матеј Маневски од Центар за меѓукултурен дијалог.

Меѓународна младинска мрежа, Млади за размена и разбирање е организација која постои 30 години и која се занимава со интеркултурен дијалог и соработка со младите од  Европа и Северна Африка.

– Годишно собираме околу 500 млади луѓе кои поминуваат низ различни програми за интеркултурен дијалог и анимација на младите да се вклучат во општеството, вели Тамара Гојковиќ, генерален секретар на меѓународна младинска мрежа, Млади за Размена и Разбирање.

По перформансот во младинскиот центар Мулти Култи беше прикажана изложба на фотографии и видеа и театарска претстава по која следуваше дискусија на гостите.

Коментари

коментар(и)