Спасовски: Во функција се сите капацитети за јавна безбедност

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска, по работната посета на СВР Скопје, одговори на новинарско прашање за мерките и активностите кои овој сектор ги презема како дел од потрагата по исчезнатата малолетничка.

„ Има формирано посебен Штаб, којшто работи во Секторот и работи заедно со родителите, односно со семејството и со познаниците, пријателите, соучениците итн. на исчезнатото девојче. Секојдневно се преземаат низа на активности, вклучени се неколку стотини полициски служебници кои исклучиво работат на оваа проблематика. Преземаме опсежни мерки“, одговори министерот Спасовски, додавајќи дека не може да зборува за детали околу текот на потрагата и добиените податоци, но може да каже дека се ставени во функција сите можни капацитети за јавна безбедност.

„Преку 50 камери, односно места во коишто имало камери се преземени и прегледани. Целосно е во функција системот ‘Сејф сити’ во кој што, исто така, се преземаат низа мерки,  сите податоци коишто се од телеком-операторите кои, исто така, може да бидат важни. Десетици лица се сослушани и од кои се земени податоци и информации за да може да се добијат некакви информации во однос на целиот овој настан. Преземени се електронски уреди од семејството и од девојчето коишто се вештачат, еден дел се земени податоци, веќе имаме одредени податоци од овие електронски уреди, коишто исто така, може да бидат од корист на истрагата и целата постапка. Секојдневно сме во комуникација или работиме заедно со родителите и со семејството. Така да, целиот овој тим работи до доцна наутро во ноќта, сите овие деновите коишто ги имавме. Се пребаруваше и речното корито на Вардар, се пребаруваа и сите подрумски простории, не само во околината, туку и малку пошироко, се работеше на пребарување, односно добивање податоци и информации од црквите, манастирите коишто се во близина на Скопје“, ги сподели министерот Спасовски со присутните новинари деталите околу преземените досегашни интензивни мерки како дел од потрагата по малолетничката, која ќе продолжи со несмален интензитет.

Коментари

коментар(и)