Фирма казнета поради продажба на поскап леб

Една фирма од Куманово и три од Скопје добиле казна од по 300.000 денари откако Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) утврдил дека продаваат леб поскап од 33 денари.

Казните согласно законот за трговија, и законот за заштита на потрошувачите, се движат од 500 до 10.000 евра по правен субјект или од 50 до 500 евра за одговорното лице.

Инспекторатот извршил 234 контроли низ државата, откако Владата во вторникот одлучи да ја замрзне цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари за 450 грама.

Владата, на синоќешната седница, донесе Одлука за определување обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите, според определен редослед, базирана на законски основи.

Со одлуката, се определува обврска на трговците кои претставуваат правни и физички лица, кои се регистрирани за вршење на трговска дејност во соодветен регистар согласно со закон, како и трговците кои претставуваат правни и физички лица регистрирани за вршење на производство, кои своите производи ги продаваат на пазарот во сопствени продавници или на други трговци на големо и мало со прехранбени производи, да прибавуваат и/или да продаваат леб бел и полубел (сечен на парчиња или цел).

Трговците кои претставуваат правни и физички лица, кои се регистрирани за вршење на трговска дејност во соодветен регистар согласно со закон, согласно владината одлука, имаат обврска во структурата на дневната набавка на сите видови леб, да прибавуваат и да продаваат најмалку 80 проценти од белиот и полубелиот леб (сечен на парчиња или цел).

Трговците посочени во оваа одлука, за испорачаните видови леб посочени во оваа одлука, на производителот на лебот, треба да му платат најдоцна во рок од 20 дена од денот на приемот на фактурата за испорачаниот леб.

Одлуката е на сила со денот на објавувањето во „Службен весник, а е предвидено да се применува до 31 мај 2023 година.

 

Коментари

коментар(и)