Бројот на ученици во основните и во средните училишта во Македонија само за последните десет години е намален за 27 илјади. Намалувањето на бројот на ученици е особено изразен во средното образование, каде само за десет години, бројот на ученици е намален дури за 20 %, односно за 17 илјади ученици. Во основното образование, намалувањето изнесува 5 %, односно 10 илјади ученици, известуваат од Центарот за граѓански комуникации.
Според ЦГК, најголемо намалување на бројот на ученици во вкупна бројка има во општина Гази Баба, каде во последната учебна година имало дури 2.389 помалку ученици отколку пред десет години. Следна општина е Тетово каде имало речиси 1.500 ученици помалку, само за период од десет години. Со намалување од по илјада ученици следуваат: Центар, Струга, Куманово и Гостивар.