ВИДЕО: Отворен новиот трговски центар „Ла Плаза“ во Куманово

Во Куманово денеска е отворен долгоочекуваниот Ла Плаза мол. Голем број граѓани утрово нестрпливо чекаа пред главниот влез да биде пресечена лентата од страна на градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски и сопственикот на трговскиот центар, Нуждет Рамадани за да видат новите простории и брендови кои досега не беа достапни во нашиот град.

„Во Ла Плаза граѓаните можат да ги најдат сите брендови по исти цени, со акции, но и по многу пониски цени“, изјави Димитриевски непосредно по свеченото отворање на трговскиот центар.

Новиот проект во Куманово го реализираше фирмата Лико Проект.

– Денеска го отвораме молот, првиот мол кој се отвора во град Куманово и им честитам на сите граѓани на Куманово и општина Липково бидејќи овој мол е за сите нас, за град Куманово, за граѓаните од Куманово, кој е профитабилен за Куманово, ќе се вработат граѓаните во молот, донесовме добри брендови во Куманово, интернационални брендови кои ги немаше во Куманово, Веро, Џамбо, Де факто, Синсеј, Интерспорт, Д спорт, Амбар и други брендови. Му се заблагодарувам многу на градоначалникот Максим Димитриевски и на неговата администрација во општина Куманово кои што беа инволвирани во овој проект. Инаку, без нивна помош не би можеле да го реализираме овој проект кој е многу важен за град Куманово бидејќи ќе има вработувања, ќе има нови брендови, луѓето ќе можат секојдневно да доаѓаат на шопинг, да си купуваат. Нашиот мол има гаража од 230 паркинг места, направена по најнови модели. Им честитам на сите граѓани на Куманово за нашиот мол, заеднички да го отвориме, заеднички да уживаме во ова што успешно го направивме. Мислам дека ќе има уште нови проекти кои допрва ќе ги реалзираме во нашиот град заедно со градоначалникот и општината, изјави Нуждет Рамадани, сопственик на Ла Плаза мол

„Новиот трговски центар Ла Плаза во Куманово воведува нови стандарди во градбата и посакувам идните инвеститори да го следат овој пример“, истакна Димитриевски, потенцирајќи  дека станува збор за деловна единица со компатибилни содржини.


-Специфично за овој објект е што првиот објект што е на територија на општина Куманово, која има најголем број на места за паркирање, или самиот објект во рамки на неговите содржини предвидува некаде околу 500-тини места за паркирање, еден добар пример по којшто би требале во иднина да се градат и другите инвестиции во градот. Во оваа прилика сакам да честитам на фирмата Лико Проект, на нејзиниот сопственик, на целиот тим, сите изведувачи, подизведувачи коишто работеа на овој проект да биде успешен и воедно да им посакам добредојде на сите инвестори коишто ги користат овие простори и што денеска се тука. Дефинитивно, ова е прв ваков мол од ваков карактер на територија на нашата општина. Но, верувам не и последен, бидејќи Куманово има капацитет, има потенцијал како еден регионален центар да зголемува број на вакви објекти, бидејќи тоа е секојдневна потреба на граѓаните. Уште еднаш честитки до сите и посакувам многу успех и секако заработка за тие што инвестираат, изјави Димитриевски.

Трговскиот центар Ла плаза е лоциран на булеварот  „Трета МУБ“, во непосредна близина на градскиот зелен пазар.

Новиот проект во Куманово се протега на вкупна површина од 56.538 метри квадратни, од кои 18.398 метри квадратни се наменети за шопинг центар.

 

Коментари

коментар(и)