ВИДЕО: Со повеќе активности започна одбележувањето на Детската недела

Под мотото „Јас и светот околу мене“ денеска започна одбележувањето на детската недела во земјава. Секоја година, првата седмица од месец октомври со разни активности во сите држави членки на ООН се одбележува Неделата на детето.

Во Куманово, утрово во објектот „Синоличка“ на градинката „Ангел Шајче“ по повод Детската недела беше организирана ревија на детски фризури. Активноста беше реализирана во соработка со фризерско студио од нашиот град и козметичката насока од Државното средно училиште „Киро Бурназ“. Дечињата од сите групи имаа можност со најразлични фризури да продефилираат пред публиката, а воедно и да соберат силен аплауз.

Во рамки на Детската недела денеска и министерот Оливер Спасовски го отвори својот Кабинет за децата од Јавната општинска установа – детска градинка „Ангел Шајче“ од Куманово. Целта на посетата беше најмладите да се запознаат со професијата полициски службеник, неговите основни работни обврски, како и со дел од опремата и возилата кои полицијата ги користи во секојдневното работење во функција на што поголема безбедност на граѓаните. Дечињата се интересираа и за работата на министерот, а го почестија и со убава детска песничка при што Спасовски со големо задоволство им ги покажа цртежите кои го красат неговиот Кабинет а кои децата му ги подарија на минатата средба во Куманово. Министерот Спасовски како домаќин на најмладите посетители на својот Кабинет им го објасни значењето на полицијата во општеството, потенцирајќи ја важноста на целокупната безбедност, а посебно онаа на најмладите кои се најголемото богатство не само за нивните родители, туку и за државата во целост и им додели пригодни подароци.

Инаку, по повод Детската недела и Светскиот ден на учителот,  градоначалникот на општина Куманово, секторот за образование и здружението на просветни работници од Куманово ќе организираат настан в четврток, во големата сала на поранешен комитет. Поради просторните услови, на настанот се покануваат најмногу 14 првачиња од секое училиште во придружба на 2 одделенски наставника од прво одделение и директорот на училиштето. Превоз на учениците е во организација на училиштата.

Коментари

коментар(и)