ВИДЕО: Успешно десетгодишно постоење на КУД „Српски вез“

Со ревија на народни носии од повеќето српски реони – од Банат до Скопска Црна Гора, културно -уметничкото друштво „Српски вез“ од Куманово викендов го одбележа своето десетгодишно успешно постоење. Фолклорната ревија која ја организира „Српски вез“ исто така е дел од проектот „Денови на српската култура во Куманово – работилница за изучување на српски јазик“ кој е поддржан од Владата на Република Србија, односно кабинетот на министерот без ресор задолжен за координација на активностите и мерките во областа на односите на Република Србија со дијаспората и општина Куманово.

„Ние од „Српски вез“ во изминатите десет години сфативме дека мора да дадеме се од себе за да го сочуваме од заборав она што нашите предци го граделе со векови наназад бидејќи тоа наше богато културно -историско наследство е основа за нашето постоење и нашата иднина“, рече пред присутните во просториите на друштвото, претседателот Далибор Китановиќ.

Во своето обраќање Китановиќ се заблагодари на сите кои што ги поддржуваат нивните проекти, министерот без ресор задолжен за дијаспората Ѓорѓе Миличевиќ, српката амбасадорка Невена Јовановиќ, градоначалникот Максим Димитриевски со желба зголемување на членството, но во нови, проширени простории. Се заблагодари и на ТВ Плус за можноста да ја промовираат својата работа на својот мајчин јазик, српскиот.

Манифестацијата „Денови на српската култура во Куманово“ ја отвори министерот Миличиќ, потенцирајќи дека „Српски вез“ преку своите активности ја негува српската култура и традиција на најдобар можен начин.

„Кабинетот кој што го водам е ангажиран за давање поддршка на Србите кои што живеат надвор од границите на Србија да го сочуваат српскиот јазикот, кирилицата, нашата култура и традиција“, рече Миличевиќ.

Само пофални зборови за десетгодишното постоење на културно- уметничкото друштво упати и градоначалникот Димитриевски.

Плакета за повеќегодишното промовирање на српската култура и традиција во Куманово добија поголемиот дел од членовите на „Српски вез“, но и досегашните поддржувачи на проектите на културно-уметничкото друштво во Куманово.

Свеченото одбележување на јубилејот заврши со сечење на торта и заедничка фотографија.

Коментари

коментар(и)