ВИДЕО: Ќе се избира сувенир на општина Куманово

Општина Куманово и годинава ќе врши избор за најдобар сувенир на град Куманово.

За таа цел, општината ги поканува сите заинтересирани правни и физички лица, кои ги познаваат  одлуките на градот и околината, со своите автентични трудови да придонесат кон креирањето на производ кој ќе го отсликува карактерот на градот, во насока на зголемена промоција.

За да се учествува на конкурсот,

-сувенирот мора да ги содржи елементите на препознатливост и да ја отсликува традицијата и културно-историските, духовни, материјални и природни богатства на градот Куманово;

-сувенирот мора да биде прилагоден за масовно производство и наменет за туристичка промоција на градот;

-сувенирот треба да биде изработен од материјал, големина и боја според замислата на авторот. За изработка на сувенирот можат да се користат стабилни и еколошки прифатливи материјали како што се: керамика, камен, метал, дрво, стакло, глина, гипс, текстил и други;

-идејната концепција, развојот и начинот на изработка на сувенирот, техничките услови за изработка и материјалот од кој е изработен треба да бидат текстуално образложени.

Краен рок за доставување на трудовите е 20 ноември (понеделник) 2023 год., до 15 часот.

Наградата за „Сувенир на општина Куманово” е една и изнесува 100.000,00 денари без ДДВ која ќе биде поделена на два дела, првиот дел во износ од 30.000,00 денари ќе биде наменет за добитникот за мотивација и вложен труд, а вториот дел од наградата, добитникот на наградата во меѓусебен потпишан договор со општина Куманово, зависно од проценетата вредност на трудот, должен е да достави одредена количина на сувенирот на општина Куманово во износ од 70.000,00 денари.

Комисијата го задржува правото да не ја додели наградата на ниту едед труд, доколку заклучи дека трудовите не ги задоволуваат критериумите.

Доколку на конкурсот не се пријави ниту еден кандидат, конкурсот се смета за поништен и постапката за избор на сувенир на општина Куманово ќе се повтори.

Предност ќе имаат кандидати од општина Куманово.

Минатата година, Комисијата за избор на сувенир на општина Куманово ја избра креативната рачна изработка на Јелена Спасовски со мотив „Пафта – украс од женски колан”.

Коментари

коментар(и)