Водата од чешмите во Проевце е безбедна за пиење

Природно минералната вода од чешмите во кумановското село Проевце е безбедна за пиење, информираат од Центарот за јавно здравје.

– Последните анализи покажаа дека водата е исправна и ја прогласивме како безбедна за пиење. Анализите направени на 16 октомври покажаа дека водата е безбедна за пиење, изјави д-р Бедри Велиу, специјалист за хигиена и здравствена екологија при Центарот за јавно здравје Куманово.

Како што информира д-р Велиу, праксата претходно била да се прават анализи барем еднаш месечно, но откако во септември беше утврдено дека водата е не безбедна, анализите биле зачестени.

– Ќе продолжиме да правиме анализи. Имаме секој месец, но минатиот правевме неколку, секоја недела по една, се додека водата не стана безбедна за пиење, додава д-р Велиу.

Надлежните кон крајот на септември соопштија дека при направени анализи било констатирано присуство на бактеријата Pseudomonas aeruginosa во големиот чеп, поради што препорачаа граѓаните да не ја консумираат водата. Надлежните и тогаш, а и сега, апелираат граѓаните кои ги посетуваат чешмите да ја одржуваат хигиената на самото место.

 

Коментари

коментар(и)