Десетгодишно успешно постоење на Отсек за превенција

Со прием во просториите на полицијата на ученици и членови на работната група „Безбедни училишта“  од основните училишта од подрачјето на Куманово,  Отсекот за превенција кој што годинава одбележува десетгодишен јубилеј , денеска го започна одбележувањето на неделата на превентивните активности во пресрет на 09 Декември, Денот на превентивното работење на полицијата. Во рамки на посетата на Секторот за внатрешни работи Куманово децата имаа прилика да се запознаат со работата на полициските служби, со обврските на дежурната служба, криминалистичка техника, а на терен имаа можност да гледаат како се регулира и контролира сообраќајот и притоа да поделат флаери на возачите кои укажуваат на поголема безбедност на децата во сообраќајот.

-Претходно во текот на месец ноември спроведен е ликовен натпревар на тема „Сакам да му кажам на реонскиот полицаец“.  На тој начин сакавме да видиме какви се пораките на дечињата до полицијата и за најдобрите цртежи каде што е дозволена било која техника на работа дури и со пишување на соодветен текст и збор 14 ученици ќе бидат наградени, натпреварот е спроведен на подрачје на СВР Куманово. Наградените наградите ќе ги добијат на централната прослава која што ќе се одржи на 10 –ти декември , во сала на СВР Куманово, изјави Виолета Богдановска, началник на Отсек за превенција во СВР Куманово

Богдановска посочува дека со учениците најчесто се разговара  за вербална, не вербална комуникација, решавање на конфликти без насилство, но и за тековни актуелни проблеми.

-Како што се во пресрет на новогодишните празници за злоупотреба на алкохол од страна на малолетни лица, злоупотреба на пиротехнички средства и сето тоа доведува до насилство помеѓу нив. Со повозрасните разговараме за злоупотреба на дрога, социјални мрежи и насилно однесување меѓу младите. Инаку, со работните групи најчесто се дискутираат актуелни теми и безбедност и закани кои што ќе ги идентификуваат учениците кога ќе ги пополнуваат на месечно ниво формуларите кои што се согласно насоки за Безбедни училишта и упатствата за имплементирање на истите, изјави Богдановска.

Дека Отсекот за превенција успешно функционира веќе десет години на подрачјето на Куманово говори и фактот што значително е намален бројот на случаите на насилство во училиштата , споредбено со периодот од пред една деценија.

-Со оглед на она што беше како појава пред десет години до денеска се намалува насилството и дури можам да кажам дека се минимален број на случаи што се јавуваат на насилство во училишта, меѓутоа постои се уште насилство помеѓу малолетни лица надвор од училиштата. Оваа година поинтензивно и во наредниот период ќе работиме и на таа проблематика, спречување на насилство помеѓу ученици надвор од училиштето, не само во училиштето, изјави Богдановска.

На претставниците на училишните тимови кои што изминатите години активно работеле на проекти и соработувале со полицијата , Отсекот за превенција им додели благодарници.

Инаку, во текот на неделата ќе бидат организирани повеќе активности, мешана патрола на родители со полициски службеници во обиколка на угостителски објекти и места за ноќна забава на малолетни лица, ќе се одржи  Локален совет за превенција каде што се поканети градоначалниците  и директорите на институциите на локално ниво со кои што во најголем дел Отсекот за превенција соработувал во изминатиот период , а премиерно ќе биде изведена и театарска претстава која што ја подготвуваат ученици од средното општинско училиште „Перо Наков“ , во понеделник со почеток во  19 часот во Театар Куманово.

Отсекот за превенција е формиран на 9-ти  декември 2008-та  година на Денот на превентивното работење на полицијата, кога првите инспектори на МВР ги добиле сертификатите за работа од оваа област.

Отсекот за превенција во СВР Куманово во досегашното работење се наметна со многу проекти и активности кои ги опфаќаат сите области на полициското  работење, криминалистички работи, безбедноста во сообраќајот и јавниот ред и мир. Проектите Безбедни училишта, Спорт да дрога не, спортски да навиваме без навреди и насилство , проектите за справување со тешки кражби од куќи станови и возила, се само дел од повеќето активности кои што од почетокот се поддржани од Мисијата на ОБСЕ во Македонија.

Коментари

коментар(и)