Затворено училиштето во Габреш и помал број на првачиња во новата учебна година

Новата учебна 2024/25 година во Куманово започна со едно затворено подрачно училиште и со помал број на првачиња споредбено со претходната.

„Оваа година се запишани во прво одделение 970 ученици. Бројката ако ја споредиме со минатата година е намалена. Минатата година во споредба со другите општини имавме пораст на упис на ученици, а оваа година 110 ученици помалку во споредба со минатата година ќе седнат во училишните клупи. Во едно општинско училиште „Кочо Рацин“, подрачно училиште во село Габреш, училиштето се затвора поради тоа што нема запишано ученик во прво одделение, изјави Александар Јовановиќ, раководител на Сектор за образование во општина Куманово

Во однос на најавената оптимизација на образовниот процес, односно воведување т.н. едносменска настава, Куманово не ги исполнува условите, особено не училиштата во градските средини каде има голем број ученици.

„ Во споредба со другите општини, општина Куманово е најголема и се уште централно-градските училишта го исполнуваат максимумот од 30 ученици во паралелка, додека во руралните паралелки е намален бројот на учениците. Учебната година, дел од учениците од Агино село наместо во своето училиште настава ќе следат во централното и во ООУ „Вук Караџиќ“, додека трае реконструкцијата на нивната училишна зграда на ООУ „Кирил и Методиј““, изјави Јовановиќ.

Дали и кои училишта од Куманово и кумановско ќе ги исполнат условите второто полугодие да го започнат со едносменска настава, конечната одлука допрва ќе се носи.

 

 

Коментари

коментар(и)