Уште 500 бесплатни вакцини против сезонски грип

Матичните лекари од Куманово можат да обезбедат термини за лицата над 65 години доколку тие сакаат да се вакцинираат против сезонски грип, информираа денеска надлежните, од Центарот за јавно здравје Куманово.

За овие лица, кумановскиот Центар има околу 500 вакцини кои се бесплатни, обезбедени од Министерството за здравство.

-Сакаме да го информираме населението, пред се матичните лекари дека треба да ги упатуваат пациентите да се заштитат со четиритипната вакцина против сезонски грип. Термини има, не е доцна, пациентите можат да се вакцинираат против сезонски грип, изјави доктор Јадранка Стаменковска, раководител на Одделението за епидемиологија од Центарот за јавно здравје.

Пациентите можат да се вакцинираат против грип, секој работен ден од 7 до 15 часот, во просториите на Центарот за јавно здравје.

Оваа јавна здравствена установа од Министерството доби 1.800 бесплатни вакцини за пациентите од североисточниот регион и набави 1.400 вакцини за кои пациентите плаќаа по 650 денари.

Коментари

коментар(и)