Почнува примената на поливалентни вакцини

Новороденчињата и бебињата од два и пет месечна возраст со само едно боцкање ќе ги добиваат вакцините за дифтерија, тетанус, црна кашлица, детска парализа, жолтица од тип Б, и хемофилус инфлуенца кој предизвикува мененгитис. Сите деца кои веќе се вакцинирани или се на средина од имунизацијата, следните дози на ревакцинации ќе ги добијат со примање на новите поливалентни вакцини.

– Тимовите за имунизација при Здравствен дом Куманово во петокот набавија шествалентни вакцини и веќе од денеска започнаа со вакцинирање на децата до една годишна возраст. Според планот за имунизација овие тимови ги повикуваат децата и започнуваат со давање на овие вакцини. Станува збор за шествалентна вакцина  од француско потекло која во една доза содржи шест типа на антигени против шест заразни болести, вели Јадранка Стаменковска, епидемиолог и координатор за имунизација.

Од септември на располагање ќе бидат и петовалентните вакцини наменети за децата со наполнети три ипол и осумнаесет месеци. Според лекарите, со воведувањето на поливалентните вакцини двојно се намалуваат боцкањата на децата до осумнаесет месеци. Наместо тринаесет  бебињата само седум пати ќе ги посетуваат Центрите за имунизација.

– Родителите се помалку ангажирани за носење на децата во диспанзерите со што останува повеќе време тимовите за имунизација да посветат внимание на превентивата и советувањето.Со примената на вакцините се намалени несаканите последици, објаснува Стаменковска.

Пред воведувањето на поливалентните вакцини сите матичните лекари и педијатри посетиле семинар за имунизација за повисок степен на едукација. Набавката на вакциниte ги вршат тимовите за имунизација според однапред одреден план од стрнана на Министерството за здравство. Поливалентните вакцини кои се препорачани од Светската здравствена организација  веќе одамна се користат во земјите членки на Европската Унија, како и во соседството.

 

 

Коментари

коментар(и)