Неквалитетна дебата во Собранието покажува десет месечниот мониторинг на пратениците спроведен од Институтот за демократијa. Проектот вклучува анализа на квалитетот на дебатата на повеќе од 100 седници и над 2000 говори на пратеници од месец мај 2014 до мај 2015 година. По спроведениот мониторинг беше организирана тркалезна маса на тема „Како дебатират пратениците во собранието “ на која беа поканети актуелни и поранешни пратеници, граѓански здруженија и новинари кои ја следат работата на Собранието.
-Не сме одушевени од квалитетот на дебатата, само еднаш сме лоцирале пратеник кој ја сменил позицијата и притоа јавно истакнал дека тоа го направил поради подобар аргумент изнесен од друг пратеник, вели Јане Димески, координатор на проектот во Институт за демократија.
Абедин Зимбери, поранешен пратеник од Нова демократија потенцираше дека порано собраниската расправа била поинтересна и бил отстапен подолг период за разработка на предлог законите за кои се дебатирало и по неколку дена.
-Се стеснува тој момент на дебатирање и законите се донесуваат на многу брз начин не може пратеникот да ги прочита , а не пак да ги разработува.Мислам дека не е во ред да се донесуват толку големи закони без самите пратеници да можат да ги запознаат , не знаат за што гласаат , вели Абедин Зимбери, поранешен пратеник од Нова демократија.
Улогата на парламентот е да биде коректив на власта, а од таму се движат сите демократски процеси во земјава, вели Мира Костиќ, новинар во Македонско радио која редовно ги следи собраниските дискусии. Таа додава дека владата може да предложи сешто но не значи дека парламентот се треба да прифати.
-Кога имате едно излагање кое е стерилно бидејќи не нуди ништо ново, едноставно се чита образложение од закон и толку, нема пратеник да влегол во анализа. Зошто тоа законскои решение би било поволно за граѓаните, какви бенефити би им донело , туку едноставно се чита и нема поттик за реплика во едно такво излагање, вели Мира Костиќ, новинар во Македонско радио.
Медиумите не ја опфаќаат суштината на политичката расправа туку известуваат за работата на собранието од политички аспект, а граѓаните немаат информација за собраниската дебата посочуваат од Институтот за демократијa. Оттаму планираат да организираат слични работилници во сите изборни единици.