Наскоро ќе се пуштат семафорите кај „Жмара“

Никако да проработат семафорите на крстосницата на улиците „Октомвриска револуција“ и „Пионерска“,  кои се поставени уште во април. Иако веќе пет месеци е поставена металната конструкција со светлосната сигнализација и знаците, тие се уште не го регулираат сообраќај. Не се остварија ветувањата на надлежните дека семафорите ќе проработат уште до мај. Граѓаните и возачите се лутат што на семафорите трепкаше само жолтото светло и велат дека се чуствуваат небезбедно додека возат или ја поминуваат улицата. Тие сметаат дека со нивното пуштање конечно ќе се воведе ред во сообраќајот на ова мошне фрекфентно место во центарот на градот.

Од Општината тврдат дека токму денеска требало целосно да се обележи крстосницата и воедно да се пуштат во употреба семафорите, но поради одредени причини, изведувачот не бил во можност да го направи тоа.  Исто така требало да се постават и знаци за забрането паркирање во близина на амбулантата Ѓоше, со што ќе се создадат услови за комплетна сообраќајно движење. Тие очекуваат најдоцна до крајот на неделава да бидат пуштени овие семафори и на тој начин да се воведе поголем ред во сообраќајот и да се намали можноста за неприлагодена брзина на несовесните возачи, кои се причина за чести сообраќајни незгоди.

За оваа намена општината одвои околу 3 милиони денари, а градежните работи ги извршува фирмата Електро софт инжинериг од Скопје.  Инаку од локалната самоуправа најавуваат дека е даден налог за изработка на проектна документација на семафорна сигнализација пред Спортската сала, која исто така е една од црните точки на булеварот.

Коментари

коментар(и)