Уапсени четворица кумановци-помагачи на терористите во Диво насеље

Утрово полицијата спроведе акција под кодно име „Молња“ како продолжение на акцијата во Диво Насеље за разбивање на криминално- терористичката група. Според МВР,  седумтемина  кои што денеска се уапсени биле логистика односно помагачи на криминално –терористичката  група. Од уапсените,  тројца се од липковското село  Отља, еден од Матејче, двајца од скопско Брест  и еден од  Арачиново. Приведените според  првичните документирани сознанија биле во контакт со членови на групата и помагале, почнувајќи од кривично -правниот настан, нападот на полициската станица во липковско  Гошинце и прикривање на оружјето кое што било украдено таму па се до прифаќањето на криминално- терористичката група и нивното конечно сместување во Диво Насеље каде што беше нападната полицијата која што се обидуваше да ја спроведе акцијата за сузбивање на оваа група и заканите кои што истата ги најавуваше кон македонските граѓани, информираат од МВР. Според  сознанијата со кои располага полицијата, седумтемина не биле  директни учесници во мајската акција,  иако оперативните сознанија и информации за едно од лицата говореле дека во моментот  кога се одвивала големата полициска акција во Диво Насеље лицето се обидувало да мобилизира поголем број на млади лица и во исто време да изведе терористички напади и акции во Скопје со што би се дефокусирала  полицијата и би се намалила нејзината сила во напорите за совладување на вооружената група.

Според МВР, станува збор за лица на возраст од 20 до 74 години. Сите седуммина се осомничени за извршување на кривични дела „Терористичка организација“ , „Тероризам“ и „Помагање“ .

Од страна на МВР врз основа на судски наредби за претрес на дом и други простории извршени се претреси на пет локации во селата Брест, Отља и Малино. При претресите пронајдени се карти на голема Албанија, униформи на УЧК, 13 телефонски апарати, автоматска пушка, седум рамки за автоматска пушка, две ловни пушки, лисици за врзување, 1400 евра, фотографии со припадници на УЧК и други предмети и траги кои ќе бидат предадени на надлежниот Јавен Обвинител.

При реализирањето на акцијата, не се регистрирани инциденти, а лицата се изведуваат пред Судија на претходна постапка при Основен суд Скопје 1.

Поголемиот дел од осомничените веќе се познати на полицијата и против нив во повеќе наврати се поднесувани разни кривични пријави за кои им се изрекувани и затворски казни од надлежните судови. 

Инаку, во мајската акција против криминално-терористичката група во Диво Насеље животот го загубија осум полицајци, а триесетина беа повредени. Во акцијата беа убиени и десет членови на вооружената група, а 30 се предадоа и против нив се води судска постапка.

 

Коментари

коментар(и)