ВИДЕО: Заврши учебната година и за основците

И за основците заврши учебната година која ја одбележа недостигот на учебници за дел од учениците, губењето часови поради дојавите за поставени бомби во училиштата, но и значајните резултати постигнати на општински, регионални, државни и меѓународни натпревари кога станува збор за кумановските основци и средношколци.

Според податоците на Секторот за образование, во учебната година што завршува, 2022/2023 година, биле запишани вкупно 10.097 ученици во основните општински училишта, од кои 1.070 ученици се во прво одделение. Во средните општински училишта биле запишани вкупно 4.126 ученици. Во моментов недостига информацијата колку од вкупно запишаните ученици ја завршиле учебната година, со оглед на тоа што до втори февруари годинава, согласно податоците на Секторот за образование биле отпишани вкупно 235 ученици од основните и средните училишта, од причина што семејствата се отселите во странство или во другите општини во земјава.

Инаку, последниот учебен ден основците го дочекаа нестрпливо, со песна, со планови за летниот распуст и со по некоја шега на сметка на учениците, но и наставниците. Денеска беше весело во сите училишта.

Директорката на основното училиште „Браќа Миладиновци“, Јасмина Спасовска им посака на своите ученици весел летен распуст со надеж дека наредната учебна година ќе ја започнат во реновирано училиште.

-За кратко ќе стивне детскиот џагор, до први септември училиштето ќе биде празно, меѓутоа како едно резиме на учебната 2022-2023, општо земено беше тешка година за нашето училиште со оглед на оние проблеми кои ги имавме со кровниот покривач, меѓутоа конечно веќе дојдовме до едно решение, училиштето веќе е во градба, реновирање на кровниот покривач, меѓутоа во текот на летниот период не очекува една убава санација на внатрешноста на училишната зграда и се надевам дека нашите ученици од први септември ќе дојдат во едно убаво, реновирано, обновено, варосувано училиште и ќе редат и натаму успеси, изјави Јасмина спасовска, директор на ООУ „Браќа Миладиновци“

Денеска за 1.225 ученици од „Браќа Миладиновци“ заврши учебната година. Во текот на вчерашниот ден и најмалите ученици го прославија крајот на годината со пригодна приредба, а деветоодделенците својата полуматурска забава ја имаа вчеравечер во Охрид каде што се на екскурзија. Спасовска се гордее со успесите на учениците постигнати во текот на годината.

-Што се однесува до успехот на учениците, презадоволна сум, нашите ученици редеа цела година континуирано успеси, беа учесници на многу натпревари, имаат освоено многу награди, како на општинско, така на регионално, на државно ниво.  И вчера не закитија со многу државни награди, медали по биологија, природни науки така што навистина сум задоволна и би сакала да им посакам еден убав училишен распуст. Нас вработените не очекува еден период на административни работи да се завршат, свидетелствата како краен резултат на учениците, изјави Спасовска.

Свидетелствата оваа година ќе бидат поделени на 27 јуни. Инаку, како што е познато, распустот за средношколците почна пред неколку дена, односно на 9-ти јуни. За првпат различно заврши учебната година во основното и во средното образование.

Што се однесува до првачињата, во учебната 2023/2024 година, во 16 општински основни училишта од задолжителното основно образование, во месец мај се запишани се вкупно 1047 првоодделенци. Од вкупниот број на запишани ученици во прво одделение во учебната 2023/2024 година, во основните училишта со објекти на подрачјето на градот Куманово се запишани вкупно 737 ученици, а во објектите на основните училишта на рурално подрачје на Општината, 310 ученици, информираат од Секторот за образование при општина Куманово.

 

Коментари

коментар(и)