ВИДЕО: Отворен Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“ во Куманово

Во полна сала на Центарот за култура вчеравечер свечено беше отворено 26-то издание на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“. Честа први да настапат пред кумановската публика ја имаа актерите од велешкиот театар со претставата „Синиот портокал“.

Пред  љубителите на комедијата се обрати министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска потенцирајќи дека Министерството за култура останува партнер и традиционален поддржувач на овој фестивал кој со својата долговечност дава особен придонес кон развојот на македонската култура и културното живеење.

-Од идејата на создавачите до остварувањата на нивните следбеници, вложени се многу љубов и посветеност за тој да прерасне во еден од најпопуларните фестивали во државава, а сепак да биде препознатлив и уникатен. Со секоја одиграна претстава се калеше фестивалската приказна, а тоа претставуваше одлична можност за вљубениците во театарската уметност, преку еден од најспецифичните жанрови – комедијата, да ја негуваат и да ја развиваат театарската култура која прерасна во традиција. Токму тука, во градот на безвременското ремек-дело „Бегалка“ од Васил Иљоски и неговата Ленче Кумановче, кои се синоним и препознатлив белег на Куманово“, рече Бисера Костадиновска-Стојчевска, министер за култура

Директорот на НУЦК „Трајко Прокопиев“ Сашо Тодоровски кажа дека преку овој фестивал Куманово покажува колку сака театар.

Годинашниот лауреат на фестивалот „Денови на комедијата“, истакнатиот македонски режисер и актер Коле Ангеловски рече дека само на фестивалот во Куманово се одиграни триесетина негови претстави.

-Творечкиот опус на доајенот на македонскиот театар и филм е разновиден и особено ни е драго што еден од најистакнатите културни работници кој цел свој живот го посвети на уметноста, особено во делот на комедијата вечерва ќе го добие признанието „Васил Иљоски“. Тој ќе се вброи во класата на врвните актерски великани Илија Струмениковски, Шенка Колозова, Стојна Костовска и Благоја Чоревски кои беа лауреати на фестивалот, рече Костадиновска- Стојчевска.

Наградата на Ангеловски му ја врачи актерот Благоја Чоревски.

Покрај велешкиот на фестивалот ќе се играат претставите „Ле кретен“ од Штип, „Приказна за театарот“ од Пирот, Србија, „Три и пол сестри“ од Винковци, Хрватска, „Илуминати“ на Театар комедија од Скопје, „Чекајќи го лекарот“ од Лесковац, Србија. Кумановци ќе ја проследат и претставата „Граѓанинот благородник“ на тетовскиот театар, „Седумте стола“ на гостите од Ловеч, Бугарија, „Кафез со кокони“ на Драмскиот театар. Како и претходните и годинава фестивалот ќе го затвори кумановскиот театар со „Љубовна терапија“. На 15-ти октомври ќе биде прикажана „Обвинителка“ и ќе бидат доделени награди за најдобра претстава, режија, за машка и женска улога, споредна улога, сценографија, костимографија и во други категории.

Коментари

коментар(и)